ЈАВЕН ПОВИК за избор на правно лице кое врши дејност или поседува дозвола за собирање и/или транспортирање, преработка, рециклирање и уништување на отпад



 МАКЕДОНСКА АКАДЕМИЈА НА НАУКИТЕ И УМЕТНОСТИТЕ

Врз основа на член 42 став (3) од Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр. 78/15, 106/15, 153/15, 190/16 и 21/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 101/19, 275/19, 122/21 и 193/25) и Одлуката за давање согласност за спроведување постапка за избор на правно лице кое врши дејност или поседува дозвола за собирање и/или транспортирање, преработка, рециклирање и уништување на отпад, бр. 41-3346/9 од 17.09.2024 година, донесена од Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 194/24), Македонската академија на науките и уметностите објавува

ЈАВЕН ПОВИК

за избор на правно лице кое врши дејност или поседува дозвола за собирање и/или транспортирање, преработка, рециклирање и уништување на отпад

1. Предмет на јавниот повик

Предмет на јавниот повик е избор на правно лице за преземање на движни ствари – расходувани основни средства и ситен инвентар, со сегашна сметководствена вредност нула, опфатени со Одлуката на Извршниот одбор на Претседателството на МАНУ бр. 02-140/1 од 18.01.2023 година и со согласноста на Владата бр. 41-3346/9 од 17.09.2024 година. Движните ствари се наведени во Прилог 1 – Список на движни ствари, кој е составен дел на повикот. Стварите се наоѓаат во МАНУ, ул. „Крсте Мисирков“ бр. 2, Скопје.

2. Услови за учество

Право на учество имаат домашни правни лица кои ги исполнуваат условите за вршење на соодветните дејности согласно прописите за управување со отпад. Правното лице мора да има важечка дозвола за собирање и/или транспорт на соодветните видови отпад, со опфат на видовите отпад што ќе ги презема. Ако понатамошниот третман или преработка го врши друго правно лице, пријавувачот мора да обезбеди предавање на соодветно овластен оператор. Дозволите мора да бидат соодветни на класификацијата на предметниот отпад.

3. Потребна документација

1. Пополнета и потпишана пријава со податоци за пријавувачот и понуден рок за преземање, изразен во календарски денови.

2. Копија од важечка дозвола за собирање и/или транспорт на соодветните видови отпад.

3. Тековна состојба од Централниот регистар на Република Северна Македонија.

4. Потпишана изјава за преземање без надомест, во понудениот рок, и за постапување со отпадот согласно законските прописи.

5. Ако третманот/преработката ја врши друг оператор: податоци за операторот и доказ за неговото соодветно овластување.

4. Начин и услови за преземање

Преземањето се врши без надомест за МАНУ. Избраното правно лице ги сноси трошоците за утовар, транспорт и понатамошно законско постапување со отпадот и е должно да ги преземе сите ствари од Прилог 1 во понудениот рок. Преземањето се врши во договорен термин, во присуство на претставници на МАНУ. Се составува записник за примопредавање, потпишан од надлежната комисија и претставник на избраното правно лице. Избраното правно лице ја обезбедува и доставува потребната документација за движење и предавање на отпадот согласно прописите.

5. Критериум за избор

Критериум за избор е најкраткиот понуден рок за преземање на движните ствари, изразен во календарски денови, сметано од денот на приемот на писменото известување за избор. Доколку две или повеќе правни лица кои ги исполнуваат условите понудат ист најкраток рок, предност има правното лице чија пријава е прва примена и заведена во архивата на МАНУ, според датумот и точното време на прием.

6. Начин и рок за доставување на пријавите

Пријавите со потребната документација се доставуваат лично или по пошта, во затворен плик, на адреса: Македонска академија на науките и уметностите, ул. „Крсте Мисирков“ бр. 2, 1000 Скопје, со назнака: „Пријава по јавен повик за преземање расходувани движни ствари како отпад – НЕ ОТВОРАЈ“. Рокот за доставување е пет (5) работни дена, сметано од првиот нареден работен ден по денот на објавувањето на јавниот повик. Последниот ден пријавите се примаат до 15:00 часот. За навремена се смета пријавата примена во архивата на МАНУ во наведениот рок. При приемот се евидентираат датумот и точното време (час и минута). Ненавремените пријави нема да се разгледуваат.

7. Разгледување и избор

Надлежната комисија ја проверува навременоста и комплетноста на пријавите, исполнувањето на условите и понудените рокови, составува записник и доставува предлог за избор до надлежниот орган на МАНУ. Изборот се врши со акт на надлежниот орган. Учесниците се известуваат за исходот.

8. Дополнителни информации

Заинтересираните лица можат да извршат увид во стварите по претходен договор. Лице за контакт: Гоце Алексовски, тел. +389 2 3235 400, е-пошта: goce@manu.edu.mk, во работни денови од 9:00 до 15:00 часот. Јавниот повик, списокот на движните ствари, пријавата, изјавата и инструкциите за учество се објавуваат на интернет-страницата на МАНУ.

Прилози:

  1. Список на движни ствари;
  2. Образец за пријава;
  3. Образец за изјава;
  4. Инструкции за учество.