Едукативна дејност
Една од основните цели на ИЦГИБ “Георги Д. Ефремов“е едукацијата на млади научници. Од осовањето на центарот па до денес бројни млади научници беа едуцирани во областа на молекуларната биологија и техниките за генетското инженерство и биотехнологијата (список на луге едуцирани во ИЦГИБ). Во овој период во ИЦГИБ беа изработени и одбранети бројни магистерски и докторски тези (преглед на магистерски и докторски тези). Воедно, многу научници од земјата и странство го посетија ИЦГИБ на подолга или пократка обука и специјализација (список на специјализанти).
ИЦГИБ беше иницијатор и координатор на Интердисциплинарните студии по молекуларна биологија и генетско инженерство, организирани од Универзитетот “Свв. Кирил и Методиј”, Скопје во периодот 1998-2002 година. Педесетина професори од осум различни факултети учествуваа во изведувањето на практичната и теоретската настава, а студиите ги завршија 23 млади научни работници од различни области, и тоа хумана медицина, фармација, ветеринарна медицина, биологија, земјоделие и информатика (ИЦГИБ постдипломски студии список на кандидати и теми).
Научните работници од ИЦГИБ се вклучени во дипломските, последипломските и докторските студии на Универзитетот „Свв. Кирил и Методиј“. Во ИЦГИБ долги години се изведува дел од обукатата на специјализантите по медицинска генетика, која е дел од програмата на Медицинскиот факултет во Скопје. ИЦГИБ е еден од иницијаторите за отворање на нова специјализација по клиничка лабораториска генетика. Оваа специјализација ќе започне да се спроведува во 2014 година на Фармацевтскиот факултет во Скопје, а една од главните институции-учеснички во изведувањето на теоретскиот и практичниот дел од наставата е ИЦГИБ.
ИЦГИБ беше организатор на 7-от Балкански конгрес за хумана генетика во 2006 година, на кој беа презентирани 234 научни трудови од истражувачи од повеќе од 20 различни Европски земји ( BJMG Suppl 2006).
Меѓународната препознатливост на ИЦГИБ овозможи организирање на повеќе едукативни, теоретски и практични курсеви од областа на молекуларната биологија и генетското инженерство, спонзорирани од различни меѓународни фондации:
- “Примена на генетското инженерство во хуманата и ветеринарната медицина”, (08-19 Април 1991) спонзориран од страна на UNESCO/UNDP и Министерството за Наука на Република Македонија
- “Примена на рекомбинантната DNA технологија во хуманата медицина” (14-22 Ноември 1992) спонзориран од Федерацијата на Европските Биохемиски здруженија (FEBS) и UNESCO
- “Методи со нуклеинските киселини во хумана и ветеринарна медицина” (25-30 Мај 1998) спонзориран од ICGEB-Трст
- “PCR базирани методи за детекција и карактеризација на наследните, инфективните и малигните заболувања” (27 септември-02 октомври 1999) спонзориран од FEBS и UNESCO
- “Прв курс по геномика и протеомика” (22-26 Ноември 2010), спонзориран од проектот MACPROGEN од Европска комисија (FP7 програма, REGPOT-2008-1)
- “Втор курс по геномика и протеомика” (27-29 Јуни 2011), спонзориран од проектот MACPROGEN од Европска комисија (FP7 програма, REGPOT-2008-1)
- “Трет курс по геномика и протеомика” (01-06 Март 2012), спонзориран од проектот MACPROGEN од Европска комисија (FP7 програма, REGPOT-2008-1)
- “Завршна конференција на MACPROGEN” (29 Март- 01 Април 2012), спонзориран од проектот MACPROGEN од Европска комисија (FP7 програма, REGPOT-2008-1)