Историјат
Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија „Георги Д. Ефремов“ е основан 1986 година од страна на академик Георги Д. Ефремов, чие име денес и го носи Центарот, како научна единица при Македонската академија за науките и уметностите. Основна задача на Центарот е унапредување на научните сознанија во полето на молекуларната биологија, молекуларната медицина, геномиката, протеомиката и биотехнологијата, преку научно истражување, воведување на нови софистицирани техники и технологии, едукација и обука на млади научни кадри.
Секако цел на Центарот е и примена на овие сознанија за подобрување на здравјето на луѓето преку современа дијагностика која овозможува превенција и навремена и соодветна терапија на бројни болести, не само наследни туку и малигни и инфективни. Исто така научните резултати во Центарот се применуваат и во други области како што се ДНК идентификацијата за утврдување на фамилијарни врски, потоа во областа на биотехнологијата како на пример производство на ензими, микробиолошка идентификација, утврдување на присуство на генетски модифицирани организми и т.н.
Центарот е лоциран во зградата на МАНУ, и располага со околу 500 м2 лабораториски простор и 250 м2 канцелариски простор. Центарот располага со сопствена библиотека, во која редовно се добиваат повеќе меѓународни списанија од областа на медицинската генетика, молекуларната биологија и биотехнологијата. Центарот исто така е издавач на меѓународното списание “Balkan Journal of Medical Genetics”.